Лабораторија за испитување на квалитетот на храната
Лабораторијата за испитување на квалитетот на храната е составен дел од Лабораторијата за заштита на растенијата и животната средина на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, што има повеќенаменска функција. Основната функција на оваа лабораторија е поврзана со испитување на голем број хемиски и физички параметри, што се тесно поврзани со квалитетот на маслата за јадење, млекото и млечните производи, виното и на други животни намирници што се во секојдневна употреба. Испитувањето на релевантните хемиски параметри што влијаат врз квалитетот и својствата на хранливите производи е од огромно значење, пред сѐ поради сензитивноста на областа во однос на можните последици врз здравјето на потрошувачите. Употребата на голем број хемиски препарати во процесите на заштита и развој на растенијата често доведува до присуство на значителни концентрации од штетни органски и неоргански соединенија во храната од растително и животинско потекло. Присуството на хазардни супстанци во храната директно се рефлектира врз здравјето и имунолошкиот систем на консументите.
Целта на етаблирањето на Лабораторијата за испитување на квалитетот на храната е да врши навремени испитувања на хемиски и физички параметри, што се во директна корелација со квалитетот на животните намирници кои секојдневно се употребуваат. Лабораторијата е опремена со следниве елементи: електрохемиски систем Autolab Potentiostat PGSTAT 128 N; систем за мерење на потенцијалот за оксидација на маслата за јадење; апарат за мерење на содржината на алкохол во алкохолни пијалаци; УВ-ВИС спектрофотометар; микробранова печка; Сокслетов апарат. Во најскоро време се очекува и опремување на сегментот за анализа на млеко и млечни производи со систем за високопритисочна течна хроматографија.
Со помош на инструменталните системи инсталирани во оваа лабораторија, може да се определуваат брзо и прецизно голем број хемиски и физички параметри што се круцијални за контрола на квалитетот на масла за јадење, млекото и млечните производи и алкохолните пијалаци. Покрај тоа, со примена на електрохемискиот систем Autolab Potentiostat PGSTAT 128 N можно е да се следат и механизмите на реакциите на трансформација на одредени компоненти присутни во храната, како и дејствата на одредени супстанци врз живи клетки. Притоа, со ваков тип на испитувања можно е да се предвидат потенцијалните штетни ефекти на голем број хазардни супстанци, а ефикасно се детектира и начинот на транспорт на голем број супстанци преку мембраните на клетките.